Неизвесна локацијата за изградба на ветените типски куќи во Штип

Неизвесна локацијата за изградба на типските куќи во Општина Штип. По првични информации на Градоначалникот на Штип, Сашко Николов, дека истите ќе бидат лоцирани кај Мирјанина црква, денеска истакна дека локацијата е променета и согласно договорот со Европската комисија ќе остане неизвесност за граѓаните уште некое време. Но, проектот за изградба на типскит куќи е во напредна фаза, уверува Николов.

„Проектот типски куќи е во напредна фаза каде што веќе им се зададени задачите на сите оние кои што се стручно инволвирани, зборуваме од Европската комисија бидејќи средствата се од нивна страна. Од страна на Општина Штип, ние обезбедивме локација и истата ќе биде соопштена кога Европската комисија ќе одлучи“ – кажа Николов.

Мирјанина црква како првична локација за изградба на овие типски куќи отпаѓа заради зелената површина, промена на Генерален урабнистички план и сл.

Проектот за изградба на 100 типски куќи за најранливите категории граѓани беше предизборното ветување на сегашниот градоначалник на Општина Штип, Николов, а во месец јануари годинава тој истакна дека ќе се градат првите 47 типски куќи, тогаш соопштувајќи дека комуналните претпријатија работат на поставување на водовод и канализација на локацијата, за денес оваа локација да бид променета.

Лаура Стојанова М-Нет