
Започна тестирањето на кандидатите за вработување во КБ Штип. За работно место доктор 44 кандидати денеска чекаа за да бидат тестирани и да влезат на едно од осумте слободни места во болницата. За медицинска сестра се пријавени 10 кандидати, четири стоматолози и тројца физиотерапевти. По завршување на тестирањето во текот на денот ќе се бодуваат кандидатите и на крај најуспешните ќе бидат повикани на интервју со тенденција да бидат вработени во КБ Штип.
„Согласно со Законот за здравствена заштита кај високообразовниот кадар конкурираат сите и се добиваат поени по три основи, првите поени се врз база на просек, потоа во текот на тестирањето – кадарот се тестира во два дела, стручен дел и за англиски. На крајот се прави една збирна табела во која се собираат бодовите од просек, од стручен дел и англиски и согласно со тие бодови се прави конечна ранг листа. Бројот на кандидатите кои се примаат на огласот се множи по три и после тој кандидат се повлекува линија и од кандидатите над линијата се прави изборот.“ – вели Георгијев.
Во штипската болница недостасуваат близу сто здравствени работници, па следствено на ова наредната недела се очекува да биде распишан и нов оглас за вработување. Георгијев потенцираше дека до крајот на годината во болницата треба да се вработат најмалку уште 20 работници со цел да им се излезе во пресрет на потребите на пациентите. Сегашниот оглас покажува дека заинтересираноста на младите доктори да работат во КБ Штип е голема и тоа е факт кој радува.
Лаура Стојанова М-Нет