51 заболено лице за само една недела, вкупно 112 случаи на грип во Македонија

112 заболени лица од грип и заболувања слични на грип се регистрирани во Македонија во периодот од 2 до 8 ноември 2026 година. За само една недела, бројот на заболени од грип се зголемил за 51 лице Надлежните здравствени институции потсетуваат дека навремената вакцинација е особено важна за заштита од сезонскиот грип и спречување на можните компликации. Досега, бесплатна вакцина примиле вкупно 20.141 лице од ризичните категории на населението.

Од регистрираните 112 случаи на грип и заболувања слични на грип, најголем дел, односно 81 лице, се на возраст од 15 до 64 години. Регистрирани се и по 11 лица на возраст над 65 години и деца од 0 до 4 години, како и девет деца на возраст од 5 до 14 години. Во однос на територијалната распределба, најмногу случаи се пријавени во Скопје – 31, Куманово – 24 и Тетово – 22. Во Струмица се регистрирани осум случаи, во Дебар и Радовиш по седум, во Гостивар шест, во Прилеп два, а во Битола, Велес, Свети Николе, Македонски Брод и Штип по еден случај.

Од Институтот за јавно здравје советуваат дека доколку граѓаните заболат од грип, треба да останат дома и да избегнуваат контакти со други лица, особено со оние кои имаат зголемен ризик од компликации. Се препорачуваат одмор, внесување доволно течности и лесна храна, редовно миење и дезинфекција на рацете, носење заштитна маска и често проветрување на просториите.Дополнително, се препорачува одржување на хигиената во домот и избегнување посети додека трае заболувањето. Од ИЈЗ посочуваат дека лицата над 65 години и оние со хронични заболувања треба да бидат особено внимателни, а доколку симптомите се влошуваат или траат повеќе денови, да побараат лекарска помош.

Ева Тушевска, М-Нет