5. коло на Втора лига: Два преноси на М Нет телевизија, одложен натпревар и дерби мечеви за бодови

Одложен еден натпревар од петтото коло на Втората македонска фудбалска лига, мечот меѓу Работнички и Брера ќе се игра во нов дополнителен термин, бидејќи струмичкиот тим ќе игра во младинската Лига на шампиони.

За „романтичарите“ ова е втор одложен натпревар откако претходно натпреварот од второто коло со Тетекс им беше одложен за 24 септември, поради настап на фудбалери со репрезентацијата на Македонија до 20 години на Медитеранските игри во Италија.

Од оваа рунда ќе се одиграат шест натпревари, а колото се отвара утре со дуелот на Македонија ЃП и Камјани, натпревар кој ќе го следите во живо на М Нет телевизија со почеток од 16 часот.

„Лавовите“ ќе бараат враќање на победничките патеки за само втора сезонска радост, а пак дебитантот оди по трета сезонска победа и прогрес кон горниот дел од табелата.

В недела, на програмата ќе бидат пет натпревари. На М Нет телевизија ќе може да следите уште еден натпревар, директен пренос од Кочани од мечот меѓу Осогово и Кожуф. Ова е дуел на две екипи кои трите бодови ќе ги бараат со доза на притисок.

„Жетварите“ по четири кола имаат ефект од три порази и едно реми, а пак Кожуф има два порази едно реми и една победа и со тоа тимот од Гевгелија има четири бодови. Победата е императив и за самодоверба, но и поради тоа што е време за собирање на бодови, па мечот во Кочани кој ќе го следите во живо на М Нет телевизија ќе биде и дерби од долниот дел на табелата.

Беласица на домашен терен како фаворит ќе го пречека тимот на Тетекс, каде и двете екипи ќе бараат враќање на победничките патеки. Беласица има две ремија во низа, а пак Тетекс е со форма од реми, победа и пораз.

Пелистер има идеална шанса против „фенерџијата“ Шкупи да забележи трета сезонска победа и со тоа да го напаѓа врвот од табелата. Тимот од Битола ќе биде апсолутен фаворот во мечот на двата лански прволигаши, со тоа што домаќинот од Чаир ќе биде пред уште еден предизвик како да стигне до позитивен резултат.

Охрид како фаворит ќе го пречека тимот на Еуромилк од Горно Лисиче, дуел во кој „рибарите“ одат по нови три бодови за продолжува на победничката форма и преземање на врвот од табелата, а пак „лисиците“ ќе сакаат да го изненандат фаворит, макар тоа било и за бод.

Новаци кој остана без тренер откако штипскиот стратег Иван Варадиновски си поднесе оставка ќе бара прв триумф во второлигашкиот шампионат против Детонит Плачковица. Ова е меч каде радовишани имаат победничка форма, а пак Новаци кој е со форма од три порази и едно реми мора да најде начин како до победа со цел ставање крај на серијата порази.

Александар Ванев, М-Нет