
Милозвучните ноти на балканска ѕвезда со македонски шарм, Тоше Проевски, зрачеа со скромност, добрина и хуманост. Денес кога одбележуваме 14 години од немилиот настан, се потсетуваме на неговите 26 години дејствување, 16 години музичка кариера, но целоживотно творење.
Првите почетоци на музички план ги прави уште во раното детство настапувајќи на детскиот фестивал „Златно Славејче“ во 1992 година. Сепак, својата музичка кариера ја започнува на фестивалот “Мелфест” каде во 1997 година победува. Истата година учествува и на штипскиот “Макфест”. А по фестивалите на музичката сцена се појавува со два од најголемите хитови Усни на усни и Сонце во твоите руси коси. Во 1999 година го издава својот деби-албум „Некаде во ноќта” кој содржи единаесет песни. Летото истата година, Тоше го оддржува својот прв концерт, кој, и покрај дождот и лошото време, останува незаборавен за неговите обожаватели. Оттогаш, за кратко време почнуваат да се редат бројни хитови, соработки, музички договори и фестивали. И во тој период секогаш успева да ја привлече публиката.
Трагичната сообраќајна несреќа се случила на 16 октомври 2007 година, на патот Загреб- Липовац кај местото викано Нова Градишка во Република Хрватска. Посмртно прогласен за почесен граѓанин на Македонија, беше погребан со најголеми државни почести. Комеморацијата се одржа пред споменикот Македониум, во чија близина по четири години беше изградена и Спомен куќата посветена нему. Во таа чест, секоја година се одржува ултрамаратон во должина од 900 километри во чест и сеќавање на македонската и балканската музичка ѕвезда. Маратонците вчера тргнаа од Нова Градишка, каде што загина Проески, а треба да стигнат до Крушево денес поппладне. На почетокот на овој хуман подвиг ги испрати македонскиот амбасадор во Хрватска, Миљаим Фетаи.
Некои од неговите најубави цитати се:
„Да имам огромна моќ, макар и накратко, би направил да исчезне омразата и злото и луѓето меѓусебно да делат љубов.“
„Кога ќе ви одземат сè, ќе ви останат двете раце, составете ги една до друга за молитва. Тогаш ќе бидете НАЈСИЛНИ.“
„Не сакам да ми симнувате капа. Само сакам да се гордеете со мене.“
И, секако, најзвучната реченица која одекнуваше на настапите: „Ве сакам сите!“.
Ребека Спасова МНет