Ќе се стави ли клуч на бензинските станици? Трговците од Истокот реагираат на намалената маржа

Трговците со нафтени деривати реагираат на одлуката на Регулаторна да ја скрати маржата за горивата. Тие велат дека барале маржата да се зголеми, а не да се намалува, како што е и одлуката. Освен тоа што работат со загуби, сега веќе може да се предизвика криза во снабдувањето и тие да бидат принудени да ги затворат бензинските станици. Мерката може да создаде само дополнителна паника, зголемена побарувачка и недостиг на гориво, сметаат тие.

„Намалувањето на маржата кај сите бензинските станици ќе се одрази негативно. Колку за пример, во 1999 година горивото беше 29 денари за дизел, а маржата беше 3 денари 20 пари. Денеска горивото е 94 денари, а маржата е 1,5 денари. Јасно е дека со ваквото драстично намалување нема да може да набавиме гориво и ќе ја води работата само во надолна линија. Ние и онака цела недела работиме со загуби, а полош период никогаш немало.“, вели претседателот на Здружението на брендирани и приватни бензински пумпи кои работат во Источниот дел од државата.

Како што додаваат од Здружението, оние што ги носат одлуките треба да имаат предвид дека маржата се намалува, а придонесите се на исто ниво, што значи дека и понатаму тие треба да плаќаат струја и трошоци и да исплаќаат плати. Поради крајно непазарните услови, нема да имаат избор и ќе стават клуч на бензинските станици, дециден е претседателот.

Ребека Спасова М-Нет