
ЈП „Македонија пат“ – подружница Штип веќе две години нема исплатено отпремнина на работниците во пензија, ваква реакција ни испратија гледачи на М-Нет Телевизија. Имено, според нив, иако Законот налага исплаќање на отпремнина во случај на заминување во пензија, пензионираните работници од ова јавно претпријатие сѐ уште ја чекаат исплатата. За одговор дали реакцијата е вистинита и образложение зошто е тоа така се обративме во Подружницата во Штип. Меѓутоа, од таму за истото нѐ насочија кон Дирекцијата во Скопје, каде разговаравме со правниот сектор. Од секторот во телефонски разговор истакнаа дека отпремнината се исплаќа согласно со финансиската состојба, за повеќе информации околу исплатата, пак, нѐ упатија во секторот за финансии.
„Отпремнината за работниците од јавното претпријатие кои се во пензија се исплаќа согласно финансиската состојба. Точно е дека извесен период отпремнините не беа исплатени, но сега веќе почнаа да се исплаќаат.“ – истакнаа во телефонски разговор од ЈП „Македонија пат“.
Инаку, согласно Законот за работни односи работникот има право на отпремнина при одење во пензија. Согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор, на работниците вработени во јавниот сектор во случај на заминување во пензија им се исплаќа двократен износ за отпремнина пресметана врз основа на просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена до денот на исплатата. На работниците во приватниот сектор, пак, при заминување во пензија согласно Колективните договори за приватниот сектор, им се исплаќа најмалку двократен износ од основицата односно од просечната месечна нето плата по работник исплатена во последните три месеци.
Ребека Спасова М-Нет