
Стабилна е епидемиолошката состојба, оцени Комисијата за заразни болести, и учениците може да се вратат на училиште. Д-р Злате Мехмедовиќ по состанокот на Комисијата за заштита од заразни болести истакна дека состојбата со заразите е стабилна и нема потреба од мерки. Иако е можна појава на епидемија од морбили, засега нема потврден случај, што значи дека децата од понеделник може да се вратат во училишните клупи.
„Ново е дека сега матичниот лекар може да го упати пациентот на едно место да провери кој вирус го има. Тоа е Микробиологија, што се наоѓа спроти Министерството за здравство. Матичните лекари знаат како да постапат во однос на третирање и давање терапија кога е во прашање вирусот на инфлуенца. Ова како дијагностичка процедура во насока на тоа да се утврди дали се работи за КОВИД или грип, ќе им ја олесни работата да знаат која терапија е посоодветна за пациентите. Можно е да се појави епидемија на морбили, вакцинацијата е задолжителна, а родителите треба да го испочитуваат тоа.“ – вели д-р Мехмедовиќ.
Апелот до родителите е да ги вакцинираат децата против морбили, бидејќи интересот е опаднат и процентот на вакцинирани деца е далеку под посакуваното ниво од 95%. Засега не се знае дали веќе се шири и сојот на Ковид – „кракен“, кој е присутен во регионот, бидејќи секвенционирањето на позитивните примероци ќе заврши наредната недела, кога ќе се знаат анализите и заклучоците од Институтот за јавно здравје.
Ребека Спасова М-Нет