
Статус кво е ситуацијата со дистрибуцијата на огревни дрва за штипските пензионери – рокот помина, дрвата не стигнаа. Иако беше најавено дека огревните дрва ќе бидат доставени до сите пензионери најдоцна до 1 октомври, процесот е во застој. Временските неприлики го успорија темпото на испорака, а околу 100 кубни метри дрва се уште чекаат дистрибуција. Од ЗП Штип велат дека со подобрување на временските услови, ќе бидат испорачани преостанатите количини до сите членови. Од таму уверуваат дека никој нема да остане без огрев, но засега нема нов точен рок за испорака.
,,Значи состојбата во моментот е статус кво, бидејќи поради непогодните временски прилики во овој момнет се со намален интезитет дистрибуцијата на огревни дрва. Меѓутоа се надеваме дека со подобрување на временските услови сите пензионери ќе бидат снабдени со количините на огревните дрва. Според последната евиденција имаме некаде уште околу 100 метри кубни дрва за дистрибуција до нашите членови “, рече Нетков
Буковото дрво веќе е целосно доставено до корисниците, додека дистрибуцијата на дабовото дрво се уште е во тек. Сега се чека подобрување на временските услови за да продолжи испораката.
Претседателот Ристе Нетков уверува дека сите пензионери ќе бидат целосно снабдени со потребните количини огревни дрва, без разлика на моменталните одложувања. Тој истакна дека Здружението е посветено на навремено и целосно исполнување на обврските кон своите членови. Со подобрување на временските услови, дистрибуцијата ќе продолжи со полна пареа за да никој не остане без огрев.
Иван Митев, М-Нет