Со богата музичко – забавна програма и награди во Штип ќе се одбележи Денот на шегата – 1 Април

Со богата музичко – забавна програма и доделување на награди Општина Штип ќе биде организатор и координатор на манифестацијата која се подготвува за светскиот ден на шегата – први април. Настаните започнуваат од утре, кога училиштата треба да изберат најубави маски за прво и второ место, идентично како и сите објекти од двете детски градинки, а во сабота ќе се доделат награди од страна на градоначалникот.

„Општината се јавува како организатор и координатор на учесниците од основните училишта и детските градинки. Најпрво на 31 март во петок ќе се направи избор на две најубави маски од првооделенчињата од сите основни училишта и дечињата од големите групи од детските градинки. За првонаградените ќе се доделат вредносни ваучери од по 1500 денари, а за второнаградените ваучер од илјада денари.“ – вели Санева.

Во одбележувањето на први април се вклучува и Штип сити мол. За најубавите три маски награди доделуваат и тие, а пријавата на сите деца од три до десет години завршува вечерва на полноќ.

„Од страна на Штип сити мол ќе бидат доделени награди за трите најдобри маски, тоа се врдноси ваучери во износ од 6 000 денари за првото место, 4000 за второ и 2000 за трето наградената маска. Изборот на најдобрите маски е на тој начин што заклучно со денеска сите тие кои имаат желба да бидат пријавени на нашата страна, утре од страна на Штип сити мол ќе бидат избрани маските и во сабота ќе бидат доделени наградите“ – додават од Штип сити мол.

Манифестацијата започнува во сабота во 12 часот пред влезот на Штип сити мол и ќе биде во траење од два часа. На истата ќе настапат дечиња од основните училишта, децата од фестивалот Весело штурче, а ќе има и аниматор жонглер за најмалите.

Лаура Стојанова М-Нет