Слаѓан од Штип остана без својот татко, причината ја наоѓа кај Клиничка болница Штип

Болката на Слаѓан од Штип преголема, утринава на Инфективното одделение при Клиничка болница Штип тој го загубил својот татко, кој починал од пост ковид последици. Овој пациент денеска во 10 часот требало да биде препратен на лекување во Скопје, но за жал тоа не го дочекал. Неговиот син за целата ситуација во врска со лекувањето на неговиот татко зборуваше пред објективот на нашата камера. Вели два месеци се лекувал на Инфективното одделение и покрај тоа што не бил за таму. Побарал помош од директорот на болницата, но истата не ја добил. Затоа морал самостојно со помош на негови другари и блиски пријатели да бара врски за лекување на неговиот татко во Скопје.

„Зборам во име на татко ми, сабајлево почина. Два месеци го држеа тука во болница, а не беше за овде требаше да го преместат во Скопје. Тераа ме сам да си најдам луѓе за да го преместат. прво не можам јас да го пренесам бидејќи требаше тој човек да биде на кислород, и они ми велат да се снајдеш место да најдеш. Стасав вчера до Министерот Филипче, пишував му пораки, јавував му се, даде ми бројче од Ален директорот што веќе две недели ме лаже дека ќе најде место, а не најде. Татко ми беше излечен од ковид, а топката си ја префрлуваат еден на друг“ – вели Слаѓан.

Директорот на Клиничка болница Штип, доктор Ален Георгијев во телефонски разговор за М-Нет кажа дека е запознаен со случајот, истакнувајќи дека обвинувањата се неточни.

„Пациентот беше кај нас 60 дена, сите го лекувавме и бараме место во Скопје за да го препратимве, но не нјадовме. Ризик е пациент кој е зависен од кислород да се шета од клиника на клиника. Не точно е дека не сме излегле во пресрет на барањата на пациентите, а за неговото лекување и здравствената состојба побарајте ја доктор Дијана Шишкова“ – кажа доктор Ален.

За начинот на лекување, здравствената состојба и престојот во Клиничка болница Штип ја прашавме и доктор Дијана Шишкова. И таа потврди дека е запознаена со ситуацијата, но денеска во моментот кога пациентот починал не била во болницата на смена.

„Пациентот беше кај нас на лекување 60 дена. Во неколку наврати неговата здравствена состојба беше влосувана, тој имаше потреба од кислород со што ризично беше пренесување во клиника во Скопје. Пациентот имаше заболуваење на белите дробови. Но, ние баравме место да го пренесеме, ама од Скопје немавме повртен одговор. Пацентот утринава почина поради пост ковид компликации“ – кажа Шишкова.

Лаура Стојанова М-Нет