
Повеќе од 200 дечиња, родители, баби и дедовци в сабота ќе го навестат Христовото Раѓање на традиционалната Бадникова поворка во Штип. Седма година по ред низ штипските улици ќе се пее песната за „Вечниот Бог“, а жолтите ѕвездички како Витлеемската ѕвезда ќе ги упатат до пештерата на раѓањето на Богомладенецот. Нив ги изработуваа околу 80 присутни на четирите креативни работилници кои се одржаа минатиот месец.
„По неколку одржани креативни, културно-уметнички работилници во месец декември 2023 за пеење на песната „Вечниот Бог“ и за изработка на Божиќни ѕвездички во кои се вклучија огромен број граѓани, ги најавуваме претстојните активности на Бадникови поворки. Со радост ја најавуваме Бадниковата поворка во Штип, ги повикуваме сите деца, младинци, родители и останати членови на нивните семејства да се вклучат во Бадниковата поворка, така што збирното место е во Соборниот храм „Св. Никола“ во Штип, на 6 јануари 2024 година, точно во 10:00 часот. Релацијата по којашто ќе се движи Бадниковата поворка е од Црквата преку улицата „Маршал Тито“ до Градскиот плоштад „Слобода““, истакна Милена Ристова-Михајловска, координатор на Бадникови поворки за Брегалничката епархија.
На Плоштадот дечињата традиционално ќе ги пречека Градоначалникот на Општина Штип, а таму ќе следува и музички перформанс на дел од членовите на „Весело штурче“, како и на членови на неформална детска рецитаторска дружина. И годинава Бадниковите поворки ќе го имаат хуманитарниот аспект, па така утре ќе биде поставен и хуманитарен пункт во дворот на Црквата „Свети Никола“.
„Во текот на утрешниот ден, 4 јануари 2024 година, во периодот од 08:00 до 16:00 часот ќе биде поставен хуманитарен пункт во дворот на Храмот „Св. Никола“ каде хумани граѓани и претставници на бизнис заедницата ќе може да донираат пакети со храна, детски пакетчиња, хигиенски средства, кои ќе бидат дистрибуирани до семејствата на 5 јануари годинава од страна на Бадникови поворки“, додава Ристова-Михајловска.
Бадниковите поворки се подготвуваат во сите општини под Брегалничката епархија и пошироко во рамки на државата. Во нив учествуваат илјадници деца од целата држава, во над 60 градови и населени места во Македонија.
Ребека Спасова М-Нет