
Детската градинка „Вера Циривири – Трена“ го одбележа својот патронен празник, а локалните власти, политички партии и здруженија положија цвеќе на бистата на хероината. Претседателот на Сојузот на борци, Петар Мицевски, во својот пригоден говор зборуваше за нејзиниот животен пат и посочи на нејзината заложба за слободата на Македонија.
„Вера Циривири – Трена својот животен пат го почна во родниот град, градот Прилеп, израсната во прогресивно ориентирано семејство, уште од најмладите години ја манифестира својата слободољубивост и патриотизам во својот краток живот. Не можела да се помири со мракот на ропството на својот народ и својата татковина, затоа стапила во првите борбени редови“, истакна Петар Мицевски, претседател на Сојузот на борци – Штип.
Денешното чествување беше со цел оддавање почит на ваквите заложби, а започна со едноминутно молчење за хероината која животот го дала на 24-годишна возраст.
„Името и херојското дело на Вера Циривири – Трена ќе остане вечно врежано во историјата на нашиот народ како едно од најзагрозените во времето на НОБ. Нејзиниот животен пат започнал во родниот град Прилеп, судбината сакаше да го заврши во Штип, во цутот на нејзината младост“, додаде Мицевски.
Дечињата од детската градинка се претставија со рецитал и химната на градинката, а со овој настан се одбележа 79-годишнината од загинувањето на Вера Циривири – Трена.
Ребека Спасова М-Нет