
На почетокот на месец јуни оваа година 120 те вработени во кочанската фабрика Пејпер мил се вратија на работа. По промените кои се направија во фабриката, по поставувањето на вреќестиот филтер како и сите одобренија од страна на Државниот инспекторат за животна средина Пејпер мил започна со работа, со ставки дека честичките кои се испуштаат од оџаците се со вредности 30% под границите, и дека се следат европски стандарди. Месец дена по работењето на оваа фабрика на социјалните мрежи повторно можеа да се забележат фотографии од граѓани кои живеат во близина на фабриката како од нејзините оџаци пак излегува чад и се загадува воздухот во Кочани. Од раководството на Пејпер мил во писмено соопштение истакнаа дека се работи за неочекувано краткотрајно испуштање на чад од новопоставените клапни.
„Пејпар Мил информира дека во рамки на унапредување на технолошките процеси при поставувањето на нова технологија, односно автоматика и мултициклон, неодамна се појави неочекувано краткотрајно испуштање на чад од новопоставените автоматски клапни. Иако чадот е од согорување на био-гориво, односно сончогледови пелети, по забележување на чадот, Пејпар Мил го префрли производството на био-гас, односно метан.“ – истакнаа од Пејпер мил.
Екипите на производителот заедно со екипите на Пејпар Мил веднаш излегоа на терен и работеа на утврдување и отстранување на причината за проблемот, при што беше констатирано дека има потреба од замена на дел од инсталацијата. Нарачката на делот е веднаш направена и производителот работи на доставување на нов дел кој се очекува да пристигне и да се постави за десетина дена. Со цел да се минимизира влијанието врз животната средина, до замена на делот, фабриката работи на био-маса со намалени капацитети на производство, а доколку во овој период се јави потреба од зголемување на производството, задолжително ќе биде вклучен котелот на метан.
Лаура Стојанова М-Нет