Охрид нижи победи и не прима голови, Беса убедлива, Башкими до конечна победа!

Денес со седум натпревари беше комплетирано 8. коло од Втората македонска фудбалска лига.

На “Билјанини Извори” Охрид забележа нова победа од минимални 1:0 и ја продолжи одличната победничката серија.

Во првиот дел Охрид беше поконкретен со повеќе шанси и притисок кон голот на гостинот, но мрежите мируваа во првите 45 минути.

Стартот на вториот дел донесе брз гол за водство на домаќинот, кој дојде до предност од 1:0 со голот на Филип Ѓоргоски. Притисокот на Охрид се зголеми, а се нижаа и шанси, но без успешна завршница. Арсими преку Енсар Љума сериозно се закани гон голот на Охрид, но Дамјан Серафимов интервенираше успешно.

Во финишот Арсими започна со свој притисок, а Серафимов ги собра аплаузите на публиката за своите интервенции чувајќи ја мрежата чиста на пет натпревари во низа, четири лигашки и еден Куп меч, со што резултатот од 1:0 стана конечен.

Охриѓани со новите три бода прават прогрес на табелата.

Беласица со 3:1 на “Кукуш” во Турново славеше над Новаци во меч каде домашниот тим одигра одлично и ги сочува трите бода. Сулев, Дујовски и Коцев беа стрелци за домашниот тим, а пак Благој Стојчев беше единствен стрлец за гостинот.

Победа под водство на новиот тренер Дарко Крстевски тргна одлично и забележа победа над Детонит Плачковица на домашен терен со резултат од 2:0.

Ланскиот прволигаш на полувреме имаше предност од два гола (2:0), а стрелци на истите беа Стомнароски и Горгиовски, а во вториот дел мрежите мируваа.

Лидерот Беса дома убедливо го декласираше Вардар Неготино со 4:1. Беса уште во првиот дел го откажа гостинот од Неготино за освојување на трите бодови, бидејќи тимот предводен од Александар Таневски на полувреме имаше предност од 4:0, па во вториот дел влезе релаксирано да ја потврди високата победа.

Емини беше двоен стрлец, а по еднаш погодија Алими и Есати, додека пак за Вардар стрелаше Зумровски.

Тетекс во финишот се спаси од пораз и извлече само бод во дуелот со “фенерџијата” Караорман играјќи 1:1 на домашен терен.

Стружани со голот на Филип Климент постигнат во 26. минута имаа водство се до 84. минута, кога искусниот голгетер Марио Станковски погоди за конечни 1:1.

Иако Башмики играше во Голема Речица како домаќин, клубот стигна до триумф од 2:0 над Кожуф и стави крај на лошите резултати. Сега во резултатска криза влезе Кожуф. Алији во 74. минута го скрши отпорот на гостинскиот тим, а пак Азири во 95. минута ги постави конечните 2:0.

Пелистер се сопна дома и одигра само “нула” (0:0) со ланскиот прволигаш Скопје.

Вчера Осогово и Саса ги поделија бодовите играјќи 1:1, во меч кој се пренесуваше во живо на телевизија М Нет.