
Фудбалскиот клуб ГФК Осогово денеска официјално ги започна подготовките за пролетниот дел од шампионатот во Втора македонска фудбалска лига. Првата прозивка се одржа на стадионот Никола Мантов во Кочани, под водство на тренерот Крсте Крстев.
На стартот на подготовките се појавија дваесетина фудбалери, меѓу кои и две нови засилувања кои треба да ја зголемат конкуренцијата во составот на „жолто-сините“. Во нападот пристигнува Филип Димоски, кој доаѓа од редовите на Победа Прилеп, додека одбраната ќе биде засилена со Алпај Јусуф, кој во Осогово доаѓа од косовскиот Феризај.
И двајцата нови фудбалери изразија оптимизам и очекувања за успешна пролетна полусезона, како на личен, така и на клупски план.
Подготовките ќе започнат со акцент на тактичка и кондициона работа, а во наредниот период се планирани и повеќе контролни натпревари. Осогово на домашен терен ќе одигра пријателски средби против Детонит Плачковица, Беласица, ФК Вардар и Вардар Неготино, додека на гостински терен ќе се соочи со Аеродром 2018.
Со јасен план и засилен ростер, Осогово влегува мотивирано во подготовките, со цел стабилни настапи и подобар пласман во вториот дел од сезоната.