
Фудбалскиот клуб Шкендија официјално го комплетираше стручниот штаб кој ќе ја води екипата во претстојната натпреварувачка сезона, со јасни амбиции за успеси на домашната сцена и достојно претставување во европските натпреварувања.
Довербата за предводење на „црвено-црните“ му е укажана на поранешниот капитен Артим Положани, кој е назначен за шеф на стручниот штаб. Положани е добро познато име во тетовскиот клуб, каде во повеќе наврати настапуваше како фудбалер и го носеше капитенскиот амблем. По завршувањето на играчката кариера, тој стекна значајно искуство како помошник тренер, главен тренер и спортски директор.
Во неговиот тим ќе биде и Беким Османи како помошник тренер, додека Куштрим Вока ќе ја извршува функцијата помошник тренер и видео-аналитичар.
Континуитетот во работата го задржуваат Саладин Мустафи, кој останува тренер на голманите, како и Саимир Фетаи, задолжен за кондициската подготовка на тимот.
Со новиот стручен штаб, Шкендија продолжува со подготовките за предизвиците што ги носи новата сезона, со фокус на создавање конкурентен состав и исполнување на поставените цели. Екипата веќе вечерва заминува за Словенија, каде ќе ја реализира главната фаза од летните подготовки.
Од клубот им посакаа многу успех на Положани и неговите соработници во водењето на тимот во претстојните домашни и европски предизвици.