
Реконструкција на старите улици и изградба на нови, замена на коцката со асфалт во централното градско подрачје се само дел од проектите предвидени за оваа тековна година во Општина Свети Николе. Градоначалникот Дејан Владев истакна дека Буџетот е во одлична кондиција, а во соработка со неколку министерства ќе се пристапи на уредување на Свети Николе со што градот ќе добие сосем нов изглед.
„Во моментот е во завршна фаза асфалтирање на две улици во село Црнилиште кои за две недели треба да бидат комплетно завршени. Паралелно со тоа се работи за вадење на коцка и асфалтирање на две улици со два крака во самото централно подрачје каде веќе ќе нема коцка во Свети Николе. Овој прокет ќе биде завршен во наредниот месец, месец и половина. Паралелно ќе имаме асфалтирање на четири улици во место викано Шоповски пат и ќе нема неасфалтирана улица во Свети Николе“ – вели Владев.
Освен во градот, проекти има предвидено и за руралните средини. Освен улици ќе се работи и на водоводна и канализациона мрежа, детски игралишта, паркови и слично.
„Во тек се постапки тендерски за асфалтирање на улици во село Пеширово, а целосно ќе се заврши и канализацијата во село Мустафино. При крај е тендерот за уредување на новиот парк, ќе имаме нов детски парк, нов анфитеатар“ – додава Владев.
Оваа година треба да пристигне и ново теренско противпожарно возило за потребите на ТППЕ Свети Николе, а треба целосно да заврши и изградбата на детската градинка која е под покровителство на Министерството за труд и социјална политика. Прокетите ќе чинат преку 100 милиони денари.
Лаура Стојанова М-Нет