
Пуштени во функција се сите чешми кои се наоѓаат на јавна површина на територија на Општина Штип. На пеколно високи температури истите треба и може да се користат од страна на граѓаните, но не и да се уништуваат, велат од ЈП „Исар“. Директорот, Кирил Зајков апелираше до граѓаните да не ги уништуваат чешмите, да ги користат рационално за да ни служат во овие моменти на високи температури.
„Дополнително преку нашите социјални медиуми апелиравме до граѓаните и секојдневно тоа го правиме да се гружиме за нив, бидејќи чешмите поставени на јавна површина се за сите граѓани. Морам да бидам искрен и да посведочам дека секојдневно се соочуваме со уништување на јавните чешми, со кршење, неконтролирано користење на водата и слично. Затоа апелирам до граѓаните дека јавните чешми се чешми за сите нас, тие се поставени на јавна површина за да ни помогнат да се разладиме во овој период од годината кога температурите се екстремноо високи“ – вели Зајков.
Чешми на јавни површини има во централното градско подрачје, но и во останатите приградски штипски населби. Истовремено, чешми се поставени и на градските гробишта и тие постојано се проверуваат и сервисираат.
„Во сите поголеми паркови во населбата Сењак, во 8 Ноември, во населбата Баби, кај ООУ Ванчо Прке, на плоштадот. Повторно напоменувам дека сите тие чешми ние секојдневно ги проверуваме.“ – додава Зајков.
Сите дефекти кои се забележани од страна на ЈП „Исар“ или се пријавени од страна на граѓаните се санирани, со цел штипјани да можат да ги користат чешмите на јавни површини на овие високи температури, вели Зајков.
Лаура Стојанова М-Нет