Домашно подготвен или ајвар од продавница – математиката во цени речиси идентична, скапо и во двата случаи

Ајвар подготвен во домашни услови или купен од продавница – исти проблем за граѓаните, велат скапо е и во двата случаи. Според анкетираните на терен во Штип подобро е да се подготви ајвар дома, но освен вкусот, друга исплатливост нема. Ако се направи математика со сегашните цени на ајварскиот пипер, модриот патлиџан, зејтин, дополнително дрва и ако на ова се додаде дводневната работа – исплатливоста е нула.

Од друга страна тегла ајвар во маркетите надминува цена од 200 денари, па скапо е и да се купи готов. Граѓаните децидни дека се прави во помалку за проба, секој согласно можностите кои ги има и своите примања.

„Затоа што ем сме возрасни веќе, ем е скапо на пазарот.“ – велат граѓаните.

Ајварот како зимница која најчесто се прави станува луксуз, но се помалку се прави и туршија, пинџур или слатко. Изминатиот период ајварскиот пипер на пазатрот во Штип држеше цена од над 50 денари за килограм, што за купувачите беше и сѐ уште е скапо. Скап е и зејтинот, па затоа мирисот на ајвар се чувствува се помалку, бидејќи секој бара алтернатива.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет