Договор падна – минималната плата од месец март 18.000 денари

Договорот падна, минималната плата за месец март 2022 година ќе биде 18 илјади денари. Вчеравечер Владата, синдикатите и работодавачите се договорија за покачување на минималната плата во државата. Со ова најново покачување на минималната плата, трето по ред во последните 4 години, 80.000 граѓани ќе бидат извлечени над прагот на сиромаштијата.

„Среќен сум и задоволен што можам да соопштам дека постигнавме договор и со Сојузот на синдикати и со работодавачите со кој 80.000 граѓани ќе се извлечат над прагот на сиромаштијата. 80.000 наши сограѓани, работници во различни индустрии, почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари. Оваа сума, означува раст на нето платата на овие работници за околу 45 евра месечно. “ – кажа Ковачевски.

Постигнавме уште една важна согласност, истакна премиерот Ковачевски во својата изјава за медиумите по повод најновото зголемување на минималната плата, да ги промениме критериумите за методологијата за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот. Третиот критериум е новина, висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.

„Со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, сума која е воедно и двојно покачување од минималната плата од онаа во 2016 година, стануваме предводници во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата. Очекуваме оваа мерка да влијае позитивно и на останатите плати во сите други индустрии, со што ќе се подобри стандардот на сите граѓани.“ – додаде Ковачевски.

Државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од минималната плата од 15.200 денари која се исплаќа сега, до онаа која ќе се исплаќа за март од 18.000 денари.

Ковачевски потсети дека Владата веќе обезбедува субвенции за околу 130.000 граѓани кои веќе земаат повисоки плати во своите фирми, преку покривање на придонесите – за таа намена издвојуваме 48 милиони евра годишно.

Лаура Стојанова М-Нет