
Ваква беше сликата утринава во населба Суитлак во Општина Штип, откако по над 50 години живот во куќа која семејството Трајкови со сопствени сили и напори ја градат, денеска се соочуваат со проблеми, бидејќи по налог треба да се иселат од истата. Господинот Кирче вели од негова страна се преземани секакви дејства за да го откупи земјиштето од државата, но процесот му бил стопиран.
„Ова ми е доделено од државата 1967 година со документ. Кога доаѓа Законот за приватизација ми стопират, јас си поднесев документи за да си го купам државното земјиште, но ме стопираа.“ – кажа Трајков.
Од тогаш започнува вистинска голгота за ова семејство. Неколку пати биле на Суд и го добиваат спорот, за во 2008 година да бидат иселени од нивната родна куќа.
Барања имало поднесено до повеќе институции, но како што вели Трајков институциите си играат пинг понг префрлајќи ја вината од една на друга страна.
„Имам документи што поднесувам да ми дадат ревизија на сите документи во општината до ден денеска нема никаков одговор. Платено е се по Закон треба за 15 дена да ти го дадат одговор, ама нема ништо. Десет години институциите не функционираат.“ – посочи Трајков.
Утринава пред вратата на Трајкови беа присутни полициски службејници, извршител како и екипа од Центарот за социјална работа. Извршителот истакна дека тие работат согласно Судска одлука. Од центарот за социјална работа понудија решение за трите дечиња на господинот Кирче, но за тоа немаше простор за преговори. Откако речиси час време се обидуваа да пронајдат заеднички дијалог, полициските екипи заминаа од настанот. На господинот Кирче не му преостана ништо освен да му се обрати јавно на Премиерот Зоран Заев за помош.
Лаура Стојанова М-Нет