
Екипата на Беласица конечно се израдува на првата победа во пролетниот дел од сезоната, откако на домашен терен во Струмица со убедливи 4-0 го совлада составот на Големо Коњари.
По двата почетни порази од директните конкуренти за врвот – Охрид на домашен терен и Скопје на гостување – струмичани овојпат не дозволија изненадување и уште од стартот ја презедоа иницијативата.
Резултатот го отвори Ерион Шуку во 14. минута, носејќи рано водство за домаќинот. Пред паузата, во 35. минута, Стефан Сулев зголеми на 2-0 и практично ја најави сигурната победа. Во вториот дел Шуку уште еднаш се запиша во листата на стрелците за 3-0, а конечните 4-0 ги постави Живко Крстев, за комплетна доминација на домашниот состав.
Со новите три бода Беласица се искачи на седмата позиција на табелата со 34 освоени бодови. Осогово сега е осми со бод помалку, додека Големо Коњари останува закован на дното со само четири бодови.
Во следното коло Беласица ја очекува дерби пресметка на истокот против Детонит Плачковица во Радовиш, додека Големо Коњари ќе биде домаќин на фаворитот Шкендија Арачиново.
Александар Ванев, М-Нет