Баскет Кам од Македонска Каменица го освои Суперкупот и со трофеј ја отвори сезоната

Кошаркарките на Баскет Кам од Македонска Каменица го освоија Суперкупот на Македонија „Драган Василов – Цевка“ и со трофеј ја започнаа новата сезона, откако Баскет Кам со 63:44 славеше над Вардар.

Клучен момент за победа на тимот од малото рударско гратче предводен од Тони Симиќ беше третата четвртина, кога Баскет Кам резултатски одлепи, па тоа всушност и го одлучи победникот на соочување во финалето од Суперкупот.

Кај Баскет Кам, Кметовска и Димова имаа дабл-дабл учинок, откако Кметовска имаше 20 поени со 12 скока, а пак Димова 20 поени со 16 скока, а имаше и пет додавања. Кај екипата на Вардар Пишлевска имаше 12 поени, а пак Митева постигна 11 поени.

Во однос на новата сезона во Првата кошаркарска лига, шампионот Баскет Кам сезоната ја отвара со гостување кај МЗТ Скопје, Крива Паланка ќе биде домаќин на Патриот од Делчево, а пак Вардар ќе се соочи со Спорт Тим. Екипата на Пробаскет во рамки на првото воведно коло ќе игра против Бадел.

Александар Ванев, М-Нет