
Актуелниот освојувач на футсал Купот на Македонија, Форца загуби во четвртфиналето од екипата на Клими со резултат од 5:4 со што футсал Купот ќе добие нов освојувач, бидејќи Форца заврши со настапите, а тимот од Куманово останува и без можноста да ја брани и шампионската титула, бидејќи непоразениот лидер Проект има голема бодовна разлика на врвот во Првата футсал лига.
Неизвесен беше мечот од четвртфиналето во Кавадарци со резултатски пресврти, а на крај Клими уште еднаш во неколку денови ја совлада Форца, откако претходно ја доби и во шампионатот. Со тоа Форца е елиминирана и нема да може да ја брани Куп титулата.
Проект лесно се пласираше во полуфиналето, откако го совлада тимот на Осогово со резултат од 4:7 во Крива Паланка. Ланскиот финалист настапите во Купот ги заврши во четвртфиналето, а пак Проект кој најавува атак на двојната круна го продолжува патот и преку полуфиналето ќе бара влез во големото финале.
Јувентус Серава со 2:9 го декласираше Балкан и со тоа се „чекираше“ во полуфиналето од футсал Купот на Македонија.
Последниот патник за полуфиналето ќе се добие вечерва со мечот меѓу Бутел и Кеги Моби, победникот од овој натпревар ќе им се приклучи на Проект, Јувентус Серава и Клими во полуфиналето.
Александар Ванев, М-Нет