
Општина Штип го доби неопходниот документ за градење на брана на река Отиња. Станува збор за одобрението од Министерството за транспорт и врски, кој беше последниот потребен документ.
Меѓу останатите, со кои општината веќе располага беа и основниот проект со изработена ревизија, изработена студија за оцена на влијанието врз животната средина, изработен и усвоен детален урбанистички план за брана Отиња и позитивното мислење од Институт за земјотресно инжинерство и инжинерска сеизмологија (ИЗИИС).
Она што ќе следува е распишување на постапката за изградба на браната, која ќе биде со висина на круната од околу 34 метри со 3 милиони м3 вода, а како што веќе најави градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, откако ќе започнат активностите ќе се врши и експропријација на околното земјиште.
Конкретно, ќе се врши експропријација на земјиштетот кое ќе е во близина на езерото, бидејќи делот кој е во означениот опфат, а бил во сопственост на државата, со одлука на Влада, истиот веќе е доделен на Општина Штип. Како што истакна Бочварски пред еден месец, откако ќе се заврши постапката околу почетокот на изградбата, предвидено е истата да трае две ипол години. Според проценка на проектанти и ревиденти, изградбата ќе зависела пред се` од временските услови, од тоа кој ќе биде изведувач и со каква динамика и капацитети ќе настапи на терен.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк