
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, оствари средба со екипите кои вечерва ќе бидат дежурни за новогодишната ноќ и ќе се грижат за здравјето и безбедноста на граѓаните, обезбедување ред и мир во градот. Посака помалку работа и мирна новогодишна ноќ.
„Посакувам овие институции кои ќе бидат задолжени оваа вечер да имаат помалку работа, да помине мирна ноќ, граѓаните да ги почитуваат законите и еве во новата 2026 година посакувам многу здравје, среќа, бериќет, развој во нашиот град и соработка со сите институции“ – вели Јорданов.
Од Брзата помош Штип со апел да не се претерува со храна и алкохол, со цел граѓаните да поминат празнично и да не завршат во болница за новогодишната ноќ.
„Очекуваме дека оваа ноќ ќе биде мирна, за се што треба ние ќе одговориме. Им посакувам на луѓето да си поминат убаво и да бидат умерени во консумирањеето на алкохол.“ – вели Александровски.
На терен на шеталиштето „Ванчо Прќе“ ќе бидат и екипи на ТППЕ Штип. И од таму апелот останува ист, внимателност и помалку интервенции.
„ТППЕ Штип ќе имаме дежурна екипа, ќе бидеме на едносмерната улица и се надеваме дека ноќта ќе помине мирно“ – вели Ренџов.
Да се почитуваат законите, да не се вози со алкохол во крвта и да не се употребуваат пиротехнички средства апелираат од СВР Штип.
За сите дежурни екипи кои ќе работат за новогодишната ноќ, општината подели вредносни ваучери.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет