
Реконструкција на тротоари и асфалтирање на улици се дел од градежната офанзива која штипската локална самоуправа ја спроведува периодов. Близу градската црква, па во штипско Ново Село, населбата Осми Ноември, булеварот „Партизанска“ се само дел од шесте локации кои во следниов период ќе добијат нов тротоар. Според Јорданов, сето ова е во насока на подобрување на инфраструктурата во градот.
„Во наредните денови и недели во централното градско подрачје и на неколку локации и населби во нашиот град ќе се работи на реконструкција на тротоарските површини. Ќе се врши поставување на павер елементи, односно на бекатон плочи, затоа што тоа е основна потреба на граѓаните за подобрување на инфраструктурата. Станува збор за завршен тендер во вредност од 7.000.000 денари, со што директно вложуваме во подобрување на инфраструктурата на неколку локации“, истакна Јорданов.
Во однос на улиците, во план е да се работи на десетици улици во повеќе населби од градот, но Јорданов смета дека градежната офанзива би била многу поголема ако голем дел од општинскиот буџет не се трошеше за подмирување наследени долгови.
„Завршени се поголем дел од тендерите, ќе се реконструираат десетици улици. Ќе се асфалтираат улици коишто никогаш досега не биле асфалтирани, а се во кал и прашина, во населбите Балканска, Чардаклија, Македонка, Каваклија, во централното градско подрајче, улица „Ванчо Китанов“ и уште неколку други. Жалам што поголем дел од долговите коишто ги наследивме имаме обврска да ги сервисираме, заради неодговорното работење во минатото. Сигурно дека градежната офанзива ќе беше многу поголема, ако поголем дел од финансиските средства не ги трошевме за враќање на стари долгови“, додаде Јорданов.
Јорданов потенцираше дека парите од општинскиот буџет се трошат за капитални проекти и во служба на граѓаните, наместо да се расфрлаат на нерационални трошоци.
Ребека Спасова М-Нет