
„Ја најдов падната во бањата, со крв и без знаци на живот“ – вака обвинетиот Денис Асанов ја опиша ноќта за која се товари за убиството на 79-годишната Борјанка Николова од Штип.
Тој тврди дека со Николова биле само пријатели и дека таа повремено доаѓала кај него да преспие, бидејќи немала каде да оди. Како што рече, таа спиела во кујната, додека тој бил во спалната соба.
Според неговото сведочење, последната вечер таа дошла доцна, кога тој веќе бил легнат. Ја забележал, а потоа повторно заспал. По извесно време се разбудил за да провери што прави и тогаш ја пронашол во бањата, падната и со повреди на главата.
Асанов изјави дека се обидел да ѝ помогне со вештачко дишење, но таа не давала знаци на живот. Потоа излегол во дворот и се прашувал што да прави, каде што, според неговата верзија, бил нападнат од две непознати лица кои му ставиле вреќа на главата и го врзале, додека тие копале дупка.
Тврди дека подоцна се појавило и трето лице, кое му се заканило да молчи. Му било кажано дека телото ќе биде подигнато по неколку дена, но никој не се вратил.
Во судницата, обвинетиот ја оспори својата првична изјава и побара ослободителна пресуда, тврдејќи дека никогаш не извршил насилство. Додаде дека првично од страв не кажал ништо пред полицијата, но подоцна признал дека во дворот има закопано тело.
Од друга страна, вештакот по судска медицина посочи дека жртвата имала сериозни повреди, вклучително и повеќе скршени ребра, што укажува на силен притисок врз градниот кош.
Телото било пронајдено по најмалку две недели, со делови кои недостасувале и биле отстранети по смртта, а идентитетот бил потврден со ДНК анализа.
Според обвинителството, убиството се случило во домот на обвинетиот во период од октомври до ноември минатата година и се води како родово базирано насилство.
Главната расправа се одложува за 21 април во 10:30 часот.
Иван Митев, М-Нет