
Населба 8 ми Ноември, денес ја отвора вратата на еден од најсветлите денови во годината – Ѓурговден! Со измивање од светата вода од изворот на Св. Ѓорги, молитвa и плетење венци од шарени китки, штипјани вечерва ќе се собeрат за да го прослават празникот кој носи сила, заштита и духовна обновеност. Денес и утре, кај изворот на Св. Ѓорги победоносец, домаќинот Симо Костадинов ги повикува сите сограѓани да ја почувствуваат магијата на овој голем празник, кој ги поврзува луѓето со длабокото значење на верата. На ова место луѓето си наогаат аман и спас, Св. Ѓорги многупати се покажал како чудотворец и милостив.
Во срцето на манастирската кујна, мириса на љубов, вера и добра манџа. Куварката Марија, која со години подготвува оброци за верниците и посетителите, вели дека тајната состојка на вкусната манастирска манџа е љубовта и вербата во Бога.
Уште пред вечери, венриците започнаа со берење врби и шарени китки — симболи на здравје и нов живот. Според народната традиција, „како што се развива природата, така весели да бидат и луѓето“, а токму со оваа мисла верниците собираа гранчиња и цвеќиња, со надеж за бериќет, мир и радост.
И додека венците се плетат, молитвите се изговараат, а мирисот на празничниот ручек се шири низ дворовите, Ѓурговден уште еднаш потсетува дека традицијата живее таму каде што има вера, љубов и заедништво.
Иван Митев, М-Нет