Штип – со акција на штипските јавни претпријатија езерцето кај седумте кули повеќе не постои

Мини езерото, кое со мала брана беше формирано на река Отиња, во непосредна близина на ЈП „Исар“ од денес повеќе не постои. На некои трн во око, за некои мочуриште, а за трети дел од природата, исполнета со само дел од речната флора и фауна. Додека според штипјани едни уживаа ловејќи риба, на други им сметаше звукот што го испуштаа на жабите, тревата до колена, кога беше без вода, кога беше со малку вода…

Од информациите кои ги доби mnet.mk од страна на портпаролот на Општина Штип, Трајче Стојчевски, станува збор за заедничка координирана акција на општината и јавните претпријатија за темелно чистење на тој дел.

-Бидејќи имавме голем број на реакции од жители во тој дел од градот, вработените во ЈП „ИСар“ и ЈП „Стипион“ денес со машинерија го расчистуваа теренот. Малата брана е разрушена со цел да истече водата насобрана во езерцето, за полесно да се работи – истакна Стојчевски. Во блиска иднина не се предвидени дополнителни активности, додаде Стојчевски, освен по распишување на тендерот за предвидената изградба на капиталниот проект, Насипна брана на р. Отиња.

Билјана Постолова / МНет