
Многу извесно станува оти Штип ќе остане без суперлигашки ракомет во женска конкуренција, Астибо ќе ја напушти Супер лигата и ќе се пресели во ранг подолу односно ќе настапува во Првата ракометна лига. Причината се финансиите, за што од клубот посочуваат дека Супер лигата е прескапа за актуелните можности, па затоа Астибо ќе оди во ранг подолу и ќе игра со млади ракометни надежи.
Штип како град на спортот ќе остане без суперлигашки ракомет во женска конкуренција, особено фактот што Астибо минатата сезона избори опстанок во елитното друштво.
Астибо беше успешен клуб изминатите сезони во елитното друштво, бележеше одлични резултати, го имаше најдобриот стрелец во изминатите години – Марија Анчева, која важи за најдобар стрелец не само во Македонија, туку и на Балканот. Токму, Анчева која работи како тренер со пионерската екипа бележи одличен напредок со оваа генерација, а дополнително пионерите настапија и на фајнл-форот, што е уште една потврда дека Астибо располага со талентирани ракометарки кои ќе бидат иднината на клубот.
Во следниот период ќе треба и официјално да се знае дали клубот ќе ја потврди оваа одлука, а доколку истата биде потврдена, за жал Штип како град на спортот ќе остане без елитен ракомет во женска конкуренција, а Астибо ќе биде приморан да се пресели во понизок ранг на натпреварување, но ќе биде фокусиран на развој на млади ракометарки, во создавање на нова генерација ракометарки кои во иднина ќе конкурираат во борбата за враќање во елитата.
Александар Ванев, М-Нет