Штип одбележа 150 години од раѓањето на револуционерот и визионер, Гоце Делчев

Со положување цвеќе, делегации од Армијата, полицијата, Општината, политички партии, членови на Сојузот на борци и останати граѓани ги одбележаа 150 години од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев. Пред чинот на положување цвеќе пред присутните беше изложена биографијата на Делчев, која покажува дека е еден од најзначајните личности во македонската историја.

„Големината на Гоцевата саможртва кон ослободување на македонскиот народ и неговата мисла за културен натпревар межу народите му донесе ореол на признание и поччит. Останува по којзнае кој пат да потврдиме и повториме дека Гоце Делчев беше војник за слобода, стратег и професинаен револуционер“ – кажа Митев.

Порака по повод одбележувањето на јубилејниот празник посветен на Делчев упати и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. За да продолжиме во иднината, треба да погледнеме во минатото и да го продолжиме делото на Гоце Делчев, рече тој во честитката.

„Живееме во едно судбоносно време кога носиме одлуки за иднината на нашите генерации. Но, за да носиме одлуки за иднината мора да погледнеме во минатото и да дадеме значење на вакви личности кои го положиле својот живот за ова денес ние што го живееме“ – додаде Јорданов.

Свежо цвеќе положија и делегации од трите институции во Штип кои го носат името на Делчев, библиотеката, универзитетот и основното училиште. По повод јубилејот во Штип и ширум државата се организираа неколку свечени настани и одбележувања.

Ребека Спасова М-Нет