Штипски КК Соколи пред можноста да игра во Суперлигата, откако Чаир не ги исполни услови кон КФМ

Штип е пред можност да следи елитна кошарка, откако КК Чаир не ги исполни условите за натпреварување во Супер лигата за сезона 2026/2027.

Според информации на М Нет телевизија кошаркарскиот клуб Соколи од Штип, ќе се пријави на отворениот повик од КФМ за учество во Супер лигата за следната сезона, за што потврдија од штипскиот клуб, од каде ни посочија дека ги исполнуваат условите и се надеваат дека ќе бидат избрани за да настапат во елитното друштво.

Кошаркарската федерација на Македонија ја информира јавноста дека по завршувањето на постапката за лиценцирање, како и по истекот на рокот за поднесување жалби во делот на исполнување на обврските поврзани со финансиската дисциплина, е констатирано дека еден клуб не ги исполнил условите предвидени со важечките акти на Федерацијата за настап во највисокиот степен на натпреварување во сезоната 2026/2027.

Исто така, во соопштението од федерацијата се вели дека во согласност со одредбите од Правилникот за лиценцирање и останатите важечки прописи на Кошаркарската федерација на Македонија, Федерацијата ќе отвори рок за пријавување на заинтересирани клубови во периодот од 10 до 20 август 2026 година. Во наведениот рок, право на поднесување пријава има секој клуб кој смета дека ги исполнува сите услови предвидени со правилниците на Федерацијата за учество во највисокиот ранг на натпреварување, вклучително и организациските, инфраструктурните, финансиските и сите останати критериуми утврдени со прописите.

Воедно, од КФМ ја информираат спортската јавност дека, согласно важечките правилници на Кошаркарската федерација на Македонија, фактот што еден клуб не ги исполнил условите за лиценцирање не создава автоматско право за промоција на следнопласираните клубови од Првата лига. Тоа е така бидејќи првопласираниот клуб од Првата лига, кој според спортскиот резултат стекнал право на настап во Супер лигата, не се откажува од тоа право и ќе биде дел од највисокиот степен на натпреварување во сезоната 2026/2027. Поради тоа, доколку некој од останатите клубови од Првата лига сака да конкурира за учество во Супер лигата, покрај исполнувањето на сите останати услови пропишани со правилниците на Федерацијата, ќе треба да ја прифати и обврската за уплата на лиценца во соодветен претходно утврден износ, согласно важечките прописи. По истекот на рокот за пријавување, Комисијата за лиценцирање ќе изврши проверка на исполнетоста на сите услови од страна на пријавените клубови, по што Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија ќе донесе конечна одлука согласно важечките прописи.

По 20 август ќе биде познато дали Штип ќе биде од кошаркарската елита на Македонија.

Александар Ванев, М-Нет