Штипската библиотека одбележа 150 години од раѓањето на патронот, М-Нет доби благодарница

И штипската библиотека го одбележа денот на раѓањето на својот патрон, Гоце Делчев. Преку промоција на книгата „Чекорење во осаменост“ на Трајче Кацаров и доделување благодарници на институции и физички лица, се оддаде почит на великанот по повод јубилејните 150 години од неговото раѓање.

„По повод 150 години од раѓањето на нашиот национален водач, Гоце Делчев, ја одржуваме оваа манифестација. На денешен ден го одбележуваме овој јубилеј. Библиотеката од самото формирање го носи неговото име и постојано се развива и надградува“, рече в.д. Директорот, Тодор Џидров.

Книгата „Чекорење во осаменост“ на Кацаров е книга театролошки записи, кои се запис на еден театролог и критичар, којшто од внатрешноста на театарот тивко критикува. Понекогаш, пак, како што вели авторот, критиката може да дојде и од надвор. Во книгата има и неколку рецензии на претстави од штипскиот театар.

„На покана на директорот на библиотеката размислував која книга е најпогодна за промоција на едно вакво одбележување, па се одлучив за промоција на најновата книга. Театролошките записи ги промовираме затоа што Гоце Делчев кога учителствувал во штипско Ново Село имал и драмска група“, рече Кацаров.

На настанот М-Нет Телевизија доби и благодарница за медиумска покриеност на манифестацијата.

Дополнително, на манифестацијата беа изложени и слики од ликови и настани поврзани со илинденскиот период со поддршка од НУ Завод и Музеј Штип.

Ребека Спасова М-Нет