
Второлигашот Шкендија од Арачиново засега е најактивен со промоција на засилување, откако тимот на Љупчо Марковски – Калц го претстави третото засилување, се работи за Махир Ајрули.
22-годишниот фудбалер се раздели со тимот од Македонска Каменица и ќе има нов предзвик во својата кариера, овој пат во дресот на тимот од Арачиново. Ајрули ќе биде вистинско освежување на крилните позиции во тимот кој го води популарниот Калц.
Во својата кариера Ајрули ги носеше дресовите на Арсими, Велазерими, Работнички и Шкупи.
Шкендија Арачиново засега е најактивна на трансфер пазарот откако претходно се засили со голманот Антонио Столевски кој дојде од Слога Виница, како и со Владимир Жоглев кој се раздели со Осогово за да ја засили Шкендија Арачиново.
Филип Димоски повеќе не е дел од прилепска Победа, 26-годишниот фудбалер реши да се раздели со второлигашот од Прилеп и кариерата да ја продолжи во нова средина, а интерес за него веќе пројавуваат неколку клубови.
Тој се врати минатата сезона во зимскиот преоден рок и значително помогна Победа да избори опстанок, но сега прилепскиот тим се соочува со уште посериозни искушенија во битката за опстанок и оваа сезона.
Димоски низ својата кариера покрај за Победа беше дел и од Детонит Плачковица, Охрид, Каменица Саса, Питу Гули, Вардар Неготино, Осогово и 11-ти октомври.
Останатите второлигаши засега мируваат, во Детонит Плачковица според наши информации се очекуваат неколку засилувања кои би требало да се промовираат во првите денови од 2026 година, а ќе има и некое заминување, Осогово води преговори за играч кој ќе го замени Жоглев, но ќе има и уште неколку засилувања, Слога Виница е под знак прашалник кога е екипирањето на ростерот со квалитетни засилувања, а се бара и тренер, додека пак Каменица Саса ќе мора да реагира со ангажман на квалитетни засилување во битката за директен опстанок, Махир Ајрули е прво заминување, а според наши информации ќе заминат уште еден до двајца играчи.
Александар Ванев, М-Нет