
Вистинска фудбалска атмосфера на стадионот „Чаир“ во Скопје, каде што Шкендија Арачиново и Шкендија Тетово за првпат во историјата ги одмерија силите во натпревар од 9.коло на Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), одигрувајќи возбудлив дуел во кој двата тима постигнаа по еден гол.
Преполните трибини на „Чаир“ беа посебен украс на натпреварот, кој привлече големо внимание, а на теренот ривалите се бореа за позитивен резултат.
Шкендија Тетово прва зададе удар. Красниќи во 30. минута беше прецизен од белата точка и донесе водство од 0:1 за тетовскиот тим, резултат со кој гостите имаа предност во поголемиот дел од натпреварот.
Сепак, Шкендија Арачиново не се предаде и продолжи да бара начин да се врати во игра. Упорноста на домаќините вроди со плод во 77. минута, кога Симоновски ја затресе мрежата и донесе израмнување на 1:1, предизвикувајќи ново возбудување на трибините. Во самиот финиш на средбата беше поништен гол на Ндзенгуе од тетовска Шкендија поради фаул.
До крајот, резултатот остана непроменет, па двата тима мораа да се задоволат со по еден бод од меѓусебниот дуел.
Преполн „Чаир“, два гола и поделба на бодовите – Шкендија Арачиново и Шкендија Тетово приредија интересен дуел во македонската фудбалска елита.