
Фудбалскиот клуб Горица од Хрватска каде настапуваше фудбалерот Андреј Лазаров, кој почина во големата трагедија која се случи во дискотеката во Кочани, како и Општинскиот фудбалски сојуз Кавадарци отворија книга на жалост.
Хрватскиот клуб на градскиот стадион Велика Горица отвори книга на жалост за нивниот поранешен фудбалер.
„На градскиот стадион Велика Горица беше отворена Книгата на жалост за драгиот Андреј Лазаров, нашиот поранешен играч, кој прерано го напушти овој свет. Секој што сака да се потпише во Книгата на жалоста може да го направи тоа до четврток, 20 март, на источниот влез на стадионот“, се вели во соопштението на фудбалскиот клуб Горица од Хрватска.
Од ОФС Кавадарци информираа дека од денес од 9 часот на градскиот плоштад во Кавадарци ќе биде отворена книга на жалост во чест на Лазаров.
„Општинскиот фудбалски сојуз Кавадарци на градскиот плоштад во Кавадарци ќе постави книга на жалост во чест на прерано згаснатиот живот на нашиот херој Андреј Лазаров, кој даде огромен придонес со своите настапи за ГФК Тиквеш и фудбалот во град Кавадарци. Да дадеме последна почит за вечно да го паметиме Андреј“, се вели во соопштението на ОФС Кавадарци.
25-годишниот фудбалер од Кочани последно настапуваше за Шкупи, претходно беше дел од екипите на Тиквеш, Работнички и Металург на домашната сцена, а во Хрватска настапуваше за Горица и Рудеш.
Во големата трагедија во Кочани животот го загубија 59 лица, а голем број на лица се хоспитализирани во болниците во Македонија, но и во странство.
Александар Ванев, М-Нет