Тиквеш и Работнички ќе одиграат меморијален натпревар во чест на Андреј Лазаров

Прволигашите Тиквеш и Работнички ќе одиграат меморијален натпревар во чест на Андреј Лазаров, поранешен фудбалер на двете екипи кои животот го загуби на 16 март минатата година во страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Овој меморијален натпревар е закажан за 29 март со почеток од 13 часот на Градскиот стадион во Кавадарци.

Лазаров потекнува од кочанската населба Оризари, а низ неговата кариера покрај за Тиквеш и Работнички настапуваше и за Металург и Шкупи, а пак во странство настапуваше за хрватските екипи Рудеш и Горица. Последно пред трагичниот настан го носеше дресот на Шкупи.

Инаку, иницијативата за овој меморијален меч доаѓа од неговиот другар Александар Ананиев, кој е фудбалски судија во Трета лига – Исток.

Овој натпревар е момент на сеќавање и почит кон Лазаров, меч кој ќе буди спомени и силни емоции.

Александар Ванев, М-Нет