
Се уште нема вакцини против сезонскиот грип. Од Министерството за здравство велат дека се прават напори тие да бидат обезбедени во текот на месецов. На тендерот за набавка не пристигнала ниту една понуда, а причината, според Министерството, е проблем со производството на вакцините во светот. Од Министерството велат дека вакцините се обезбедуваат и од странство. Најмногу се препорачуваат за постарите, хронично болните и бремените жени.
-На објавениот тендер за набавка не пристигна ниту една понуда – причината е проблем во производството на глобално ниво, а не во нашата постапка. Оваа година, првпат одеднаш се променети сите три вирусни соеви во составот на вакцината (два за грип А и еден за грип Б). Светската здравствена организација и американската агенција ги ажурираа трите соеви заедно, што го одложи почетокот на производството кај производителите ширум светот – информираат од Министерството.
Оттаму потенцираат дека се во постојана комуникација со земјите од регионот и пошироко и дека се очекува наскоро, во текот на овој месец да бидат обезбедени вакцини преку меѓународните канали.
– Вакцинацијата останува најсигурна заштита од тешки облици на грип и компликации, особено за хронично болните, постарите лица и бремените жени. За секој напредок граѓаните ќе бидат навремено информирани – се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Од Министерството очекуваат вакцините да бидат обезбедени во текот на месецов, а за сите нови информации околу вакцинацијата граѓаните ќе бидат навремено известени.
Иван Митев, М-Нет