Струга го држи врвот во Прва лига, Вардар и Шкендија на делба на второто место, Шкупи и Работнички во долниот дел!

ФОТО: Александар Ванев

По девет одиграни кола екипата на Струга Трим Лум е на врвот со 23 бодови на своето конто, поранешниот шампион има два бодови повеќе во однос на актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Вардар и актуелниот шампион Шкендија, кои го делат второто место.

Овие три екипи и натаму немаат претрпено пораз и ќе ја водат битката за титулата.

Струга и Вардар го имаат и најдобриот напад со по 22 постигнати погодоци, а пак Шкендија ја има најдобрата одбрана со четири примени погодоци.

Силекс по трите поразни во низа се врати на победничките патеки и така го сочува четвртото место со 18 бодови на своето конто, па во случајот тимот од Кратово има пет бода негатива во однос на првата позиција.

Башкими има игра одлично како повратникот во елитата, а тимот од Куманово има 15 бодови со учинок од четири пбоеди, три ремија и два порази.

На делба на шестото место се екипите на Македонија ЃП и Брера Струмица кои имаат по 12 бодови, а потоа следува пресек на самата табела. Во бараж зоната за опстанок се екипите на Арсими и Тиквеш кои имаат по осум освоени бодови.

Во зоната за директно испаѓање е Пелистер со седум бодови, Работнички како претпоследен со пет бодови и Шкупи кој е на дното со еден бод.

Најголем разочарување останува Шкупи како единствен тим кој нема триумф, има осум порази и едно реми, но и Работнички е исто така големо разочарување. Тимот од Дебар Маало минатата сезона водеше борба за титула, обезбеди и излез во Европа, а сега тимот ќе води битка за опстанок.

Тиквеш го има најлошиот напад со само пет постигнати погодоци во девет меча, а пак најлоша одбрана има Шкупи кој примил 17 погодоци.

Овој викенд нема прволигашки фудбал поради репрезентативната пауза, па тоа е погодно за многу екипи да се консолидираат и подготват, а пак новиот тренер на Пелистер, Милан Стојановски добива на време да се запознае со екипата и да ја подготви за следниот меч.

Александар Ванев, М-Нет