Страв и револт во населбата Балканска во Штип, 80 годишен маж ги вознемирува жителите, приведен во полиција

Страв и револт во штипската населба Балканска. Жители реагираат дека нивен 80 годишен сосед секојдневно ги малтретира, се дере, им се заканува и постојано бара со кого да се закачи. Велат дека превртува контејнери, расфрла ѓубре по дворовите, става камења на сред пат и фрла големи камења кон автомобили. Револтот е уште поголем бидејќи, како што тврдат, кога надлежните служби доаѓаат да го исчистат просторот, тој излегува со шрафцигер. Тврдат дека повеќе не се издржува и бараат надлежните да преземат мерки

Во врска со случајот, нашата телевизија се обрати до СВР Штип, од каде информираат дека 80 годишниот маж е приведен во полиција, по пријави од граѓани за агресивно однесување и загрозување на нивната сигурност. За настанот е известен јавен обвинител, а по целосното документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

„На 19.10.2026 во 10:00 часот на ул.„Балканска“ во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишија од слобода Т.А.(80) од Штип, по пријави од граѓани дека агресивно се однесувал и им ја загрозувал сигурноста.

За настанот е известен јавен обвинител и по целосно документирање ќе следува соодветна пријава.“, велат од полицијата

Жителите се надеваат дека по приведувањето конечно ќе имаат мир и дека нема повторно да се соочуваат со истите проблеми.

Иван Митев, М-Нет