
Виничани веќе неколку години ја чекаат реконструкцијата на старата кино сала за по повеќе децении да се врати кино културата во градот. Проектот за кој Општина Виница доби околу 15 милиони денари од Источниот плански регион, а започна пред три години, во моментов е во мирување оти Општината го раскина договорот со изведувачот кој имаше слаба реализација на градежните работи. Градоначалникот, Миле Петков, вели дека во следниот период ќе се распише нова јавна набавка за нов изведувач, кој ќе ги доврши активностите.
„Да, кино имаше пред неколку децении, моментално нема. Имаше проект преку ИПР за реконструкција на Кино салата во Виница. Тој проект беше започнат пред неколку години, но, за жал, не заврши. Договорот е раскинат на штета на изведувачот, затоа што работеше со слаба динамика и не го почитуваше договорот. Сега сме во преговори со ИПР и Бирото за регионален развој за распишување нова јавна набавка за изградба на Киното. Дел од градежните работи се завршени, она што останува ќе биде реализирано со нова јавна набавка“, додава Петков.
Со засилена динамика се работи и на реконструкција на Сината сала во Виница, проект кој исто така се реализира преку Источниот плански регион и Програмата за рамномерен регионален развој за 2022 година. Со истиот Виница треба да добие модерен објект со услови за организирање регионални манифестации од областа на културата. Предвидено да има нов систем на вентилација, ладење и греење, замена на столаријата и санитарните јазли, како и осветување и озвучување. Крајниот рок за завршување на градежните работи е до средината на септември, а Петков, вели дека се надева оти истите ќе бидат завршени до Фестивалот кој се одржува во октомври.
„Преку ИПР реализираме еден исто така капитален проект за општина Виница, тоа е реконструкција на Сината сала, каде што моментално се работи со засилена динамика. Јас се надевам дека до терминот на одржување на Меѓународниот фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“ Сината сала ќе добие сосема нов лик“, вели Петков.
Средствата за реализација на овој проект се во висина од нешто повеќе од 11 милиони денари, а кофинансирањето на oпштина Виница е 10%, односно во висина од 1,3 милиони денари. Вкупната вредноста на проектот изнесува 12.605.738 денари.
Ребека Спасова М-Нет