
Сојузот на училишен спорт Штип во соработка со општина Штип ја организира спортската манифестација „Пролетни денови на училишниот спорт“, кој има за цел да ја промовира важноста на спортот и физичката активност кај младите.
„И оваа година општина Штип заедно со Сојузот на училишен спорт со останатите училишта на територија на општина Штип ги започнуваме Пролетни денови на училишниот спорт. Општина вложува во спортот, но не само во инфраструктура туку навистина сакаме да допринесеме во промоција на спортот, омасовување на спортот кај младите луѓе затоа што преку спортот младите го градот својот карактер и создаваат вредности кои што верувам дека се потребни на нашето општество. Заедно со Сојузот на училишен спорт преку ваквите активности ќе успееме во сите училишта да мотивираме ученици коишто ќе спортуваат и верувам дека ќе се отргнат од пороците на денешното време“, рече градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов.
Оваа година манифестацијата „Пролетни денови на училишниот спорт“ ќе ги опфати ученици од основните и средните училишта од општина Штип, а учениците ќе се натпреваруваат во машка и женска конкуренција во повеќе спортови, како одбојка и футсал, а опфатени се повеќе од 100 натпреварувачи.
„Сојузот на училишен спорт во соработка со општина Штип ги организира „Пролетни денови на училишниот спорт“. Ова година, ова манифестација ќе ги опфати учениците од основните и средните училишта. Во „Пролетни денови на училишниот спорт“ основните училишта ќе се натпреваруваат во одбојка за девојчиња, а пак средните училишта ќе се натпреваруваат во футсал. Исто така, морам да напоменам дека ги вклучиваме сите учениците, ќе имаме околу 100 натпреварувачи во овие дисциплини и се надевам на едни добри игри, на добра манифестација што ќе стане верувам традиционална“, рече претседателот на Сојузот на училиштен спорт на Штип, Зоран Арсов.
Физичката активност е многу важна кај младите за нивниот правилен раст и развој, а притоа младите да имаат здрав и правилен живот.
„Најверојатно до ден денес никој не успеал да смисли подобра мисла од онаа народната во здраво тело здрав дух и навистина е така, бидејќи спортот воспитува, дисциплинира и ние како училиште ги поддржуваме овие „Пролетни денови на училишниот спорт“. Меѓутоа и како училиште во рамките на предметот спорт и спортски активности се обидуваме да ги мотивираме да ги вклулиме бидејќи денешното време е модерно, но ние се обидуваме да ги одвлечеме од сите можни пороци со кои што се соочуваат во модерниот свет“, рече директорката на СОУ „Коле Нехтенин“, Јованка Шалева.
Целта на оваа спортска манифестација „Пролетни денови на училишниот спорт“ во Штип има за цел да прерасне во традиција.
Александар Ванев, М-Нет