
Денеска во штипското кино беше прикажан филмот „Конференцијата во Ванзе“ по повод Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот – 27 јануари, 82-годишнината од Конференцијата во Ванзе и 80-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот на смртта – Треблинка во Полска. Филмот му дава на гледачот увид во шокантната „нормалност“ што се прикажува за време на состанокот додека се разговара за процедурите, организацијата и координацијата, како и за одговорностите за убиството на милиони луѓе како да е тоа секојдневен административен акт.
„Како Германец и како Конрад Аденауер Фондација за мене ова е повеќе од настан, исто така е обврска, особено поради нашата историја која ја имаме како држава и исто така одговорност. Филмот кој го прикажуваме покажува практично како на административна конференција е организиран геноцидот и тоа е нешто на еден начин уникатно“, вели Даниел Браун, директор на Фондацијата Конрад Аденауер.
Од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија истакнаа дека денеска Евреите повторно се стигматизираат, теориите на заговор против нив се сѐ поприсутни, па тие повторно живеат во страв насекаде низ светот.
„И денес сме сведоци на национализам, ксенофобија, фашизам и антисемитизам насекаде во светот. Говорот на омраза и насилството од омраза се честареалност. По терористичкиот напад на Израел од страна на Хамас на 7 октомври минатата година антисемитизмот е во постојан пораст во целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија“, вели Горан Садикаријо, директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Штипскиот градоначалник, Иван Јорданов, и проректорот за настава на УГД, Мишко Џидров, се потсетија на депортацијата на штипските Евреи и при своите обраќања беа единствени во ставот дека ваквата историска вистина не треба да се заборави за да не се повтори.
„Аушвиц, Јесеновац, Треблинка и трагичната судбина која ја доживуваат над 6 милиони Евреи од Втората светска војна, нивната голгота, Холокаустот над Евреите предизвикан од лудилото на една уништувачка идеологија, треба да бидат еден историски аларм за сегашните и идните генерации дека никогаш не треба да се заборави за никогаш да не се повтори“, рече Јорданов.
„Холокаустот со неговите неописливи злосторства останува да се памети како едно од најтемните поглавја во човековата историја. Додека се сеќаваме на жртвите и размислуваме за настаните што се случија поврзани со Конференцијата, должни сме да го почитуваме споменот на оние кои страдаат и така да се соочиме непријатната вистина за длабочините до кои човештвото може да се спушти кога преовладува омразата и нетрпеливоста“, рече Мишко Џидров, проректор за настава на УГД.
Преку проекцијата на филмот беше посочено дека нашата должност е преку едукација да ја пренесеме колективната меморија за да се даде до знаење дека ваквиот концепт никогаш не треба да биде начин на надминување омраза.
Ребека Спасова М-Нет