
Многу мал дел од сливата во делчевско е откупена, поголем дел од истата стои складирана во вреќи и чека за откуп, велат произведувачите. Дополнително се уште има сливи кои стојат во нивите, бидејќи од една страна нема кој да ја откупи, од друга страна цената е ниска. А, најголем дел од жителите во делчевско се занимаваат со овоштарство и сточарство па ова им е единствен начин за егзистенција која сега е ставена под знак прашалник.
„Имаше на почетокот на месецот неколку откупувачи, додека имаше прва класа квалитетна слива, тоа треше околу седум дена. Потоа се намалија откупувачите, почнаа во вреќи да откупуваат и се откупи многу мал процент од сливата, многу мал процент остана во нивите и голем процент остана оберена во вреќи и сега седи на откупните пунктови и нема кој да ја купи. Бевме во подрачната единца во Делчево“ – кажа Атанас.
Атанас Ангеловски е регистриран произведувач на сливи. Вели состојбата е доста тешка, а голем дел од произведувачите во иднина не се враќаат во нивите, токму заради фактот дека нема откуп за истата.
„Лично јас од почетокот на месецот имам продадено 30% од моето производство, 30% седи оберено во вреќи и 30% во нивата. Се работи за околу 150 тони слива. Имам јас мој пријател кој имаше над 200 тони слива, само 20 тони е продадел. Сега вели јас во нивата не се враќам.“ – додава Ангеловски.
Сливата се откупуваше по цена од 6 до 12 денари, но според произведувачите ова е далеку од исплатливо, бидејќи не можат да ги добијат ветените пари од државата за откупена слива. По последниот протест на кој излегоа произведувачите на слива од Малешевијата, очекуваат нивните барања да се слушнат и да добијат помош од државата со цел оваа овошка да продолжи да се произведува и во иднина.
Лаура Стојанова М-Нет