
Секој петти граѓанин во источниот дел од државата е над 65 година. Ова зборува за фактот дека расте процентот на старо население, но истовремено и потребата за изнаоѓање алтернатвни решенија за да им се излезе во пресрeт на истите. Нега и грижа за пoвозрасното население, отворање нови стaречки домови, но и грижата за лицата со попреченост е приоритет на кој треба да се работи, особено во Источниот дел од државата.
„За само десет години, од 2008 до 2018 година, уделот на старите лица во популацијата е пораснат за 33%, што значи дека моите проекции сега, особено со Пописот, ќе се потврдат. Тоа е дека бројот на стари лица во Источниот регион е близу 25% од целата популација, што значи дека секој петти граѓанин во овој регион е лице над 65 години. И поради тоа мора да се развиваат разни типови на услуги за тие лица“, истакна Јован Манасиевски, консултант.
Според Мансиевски, потребно е да се работи повеќе на оваа проблематика, бидејќи во овој регион има само еден дом за стари лица во Берово, а најави и тенденција за отворање нови. Финансиски средства има потребна е само добро проектирање од општините за идна реализиација.
„Во смисла на финансиски ресурси – има. Нашата држава предвидува во буџетот за Министерството за труд, како и во буџетот на Министерството за локална самоуправа преку регионалната програма. Меѓутоа, разните донатори исто така обезбедуваат финансии. Постојат мноштво извори за финансирање. Сепак, мора да се подготват добри и издржани проекти“, додаде Манасиевски.
Како дополнителен загрижувачки проблем се појавува и разликата меѓу наталитетот и морталитетот. За пример само во Општина Штип во првите четири дена од новата година новородено имаше само едно бебе, а починаа десет лица. Годинава Општина Кочани бележеше зголемен број на новороденчиња во првите неколкудена од месецов, односно на свет дојдоа пет бебиња. Во дел од останатите општини од Источниот дел од државата пак сѐ уште се чека да се роди првото бебе.
Лаура Стојанова М-Нет