
Свети Игнат Богоносец, денес го означи почетокот на црковниот календар како првиот голем празник во годината. „Како ќе помине денешниот ден, така ќе биде и годината“, ќе речат постарите, кои уште од рано утринава му замесија пресна, посна погача, врз која се става сито и се редат зрна жито – симболи на бериќет, здравје и плодна година. Празникот припаѓа на зимскиот циклус празници и секогаш се одбележува на 2 јануари, секогаш пет дена пред Божик и со него започнуваат свеченостите поврзани со зимските празници. Во народната традиција се смета за ден на почеток и ред, кога секој чекор и секоја постапка имаат свое значење, а обичаите се почитуваат со верување дека ќе донесат мир, здравје и бериќет во домот во текот на целата година.
Во домовите не се работи тешка работа, се внимава на зборовите и однесувањето, а денот се поминува мирно, со верување дека така ќе се обезбеди среќа и напредок во месеците што следат. Свети Игнатиј или уште познат како Вети Игнат се доживува како силен симболичен праг меѓу старата и новата година, празник што во народната свест го поставува темелот за сè што доаѓа.
Свети Игнатиј е роден во Сирија. Кога тој бил дете, според преданието, го зел Исус во прегратка и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца нема да влезете во царството небесно.“ Поради тоа што го носел Исус во прегратка е наречен Богоносец. Тој бил ученик на Jован Богослов, како и свети Поликарп, епископот на Смирна
Иван Митев, М-Нет