Розов октомври – по дијагнозата, жената продолжува да се усогласува меѓу лекувањето, семејните и работните обврски

На вчерашната панел-дискусија по повод Розовиот октомври, месец посветен на подигнување на свеста за ракот на дојка, превенцијата и грижата за женското здравје, претседателката на Унијата на жени, Марија Митева, истакна дека жената и за време на болеста продолжува да ги носи семејните и работните обврски, истовремено справувајќи се со стравот и предизвиците од лекувањето. Таа посочи дека болните жени треба да обезбедуваат упати, да закажуваат прегледи, да чекаат резултати и да одат од еден специјалист кај друг, а притоа да ги усогласуваат терапијата, семејните и работните обврски.

,,Не сакаме да зборуваме за жената само како пациент, пред било која дијагноза таа е сопруга, мајка, ќерка, сестра, наша колешка, професорка, лекарка, работничка, претприемачка итн. И кога ќе се соочи со болеста сите тие улоги не учезнуваат, напротив многу често застануваат на нејзините плеќи, додека истовремено треба да научи нов медицински речник, да обезбеди упати, да закажува прегледи, да чека резултати, да оди од еден специјалист кај друг, да обезбеди патувања ако не живее близу до некој здравствен дом, да ја усогласува терапијата со семејството и со работаните обврски и покрај сопствениот страв неретко да биде и таа што ги теши другите“, рече Митева

Претседателката Митрева посочи кога една жена влегува во здравствен систем, системот мора да и обезбеди сигурност и грижа. Според Унијата во средиштето на институциите и службите е жената.

,,Токму таа реалност мора да ја имаме пред очи кога зборуваме за квалитетен здравствен систем. Не е доволно на жената да и кажаме дека мора да се грижи за себе и дека мора да оди на преглед. Тоа е само почетокот. Кога таа ќе ја донесе таа одлука и ќе влезе во тој систем, системот мора да знае каде и како треба да ја води понатаму. Не смее пациентката сама да биде координатор на сопственото лекување, да ги поврзува институциите, да бара информации, да тропа на повеќе врати за да открие која е следната. Современото здравство значи човекот да биде во средиштето, на институциите и стручните служби да бидат организирани околу неговите потреби“, вели Митева

Дополнително, од Унијата на жени потсетија дека вчера е отворен мултидисциплинарен кабинет за дојка, чија цел е унапредување на квалитетот на лекувањето и скратување на времето на чекање за пациентките. Кабинетот ќе овозможи побрзо закажување и изведување биопсии, со координиран пристап на специјалисти од повеќе области.

Ева Тушевска, М-Нет