Ракометарите на Охрид ги започнаа подготовките, на подготовки во Србија со учество на силен турнир!

Ракометарите на Охрид ги започнаа зимските подготовки за вториот дел од сезоната во Суперлигата. Тренерот Стевче Алушовски ги собра ракометарите во Спортската сала „Билјанини Извори“ со што беше означен стартот на подготовките со првиот тренинг.

На првиот тренинг присутни беа сите играчи, а меѓу нив беше и новото засилување, Бразилецот Винициус.

Првиот дел од подготовките ќе се одработат во Охрид, потоа во период од 23. до 29. јануари охридските „гладијаторите“ заминуваат на подготовки во Белград, Србија, каде што ќе учествуваат на силниот турнир, „Трофеј Вук Рогановиќ“, каде што освен Охрид ќе учествуваат и екипите на Партизан и Панчево од Србија, како и екипата на Нексе од Хрватска.

По завршувањето на турнирот Охрид ќе одигра пријателски меч со Металопластика Шабац и шампионот на Србија, екипата на Војводина. Пред почетокот на превенството Охрид ќе се тестира со Куманово во „Билјанини Извори“ на домашен терен.

Екипата на Охрид во есенскиот дел има 12 победи, едно реми и три порази и вкупно 25 бодови на своето конто, а пролетната полусезона ја започнува со гостување во Велес кај дебитантот Бисинов.

Александар Ванев, М-Нет